Министерот за локална самоуправа Горан Милевски вчера најави дека до септември годинава ќе се менуваат дел од законските одредби кои се однесуваат на општинските градоначалници и на општините. Односно, јасно ќе се дефинираат нивните надлежности како и средства кои ќе имаат на располагање во текот на четиригодишниот мандат.
-Со максимално ангажирање на централната и на локалните власти, но и со поголеми средства за развојни проекти можеме заедно побрзо да ги менуваме условите за живеење во сите општини, рече Милевски на вчерашната презентација на новиот Закон за рамномерен регионален развој и на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација за периодот 2021-2026 година.
Целта е, значи, градоначалниците да добијат јасни надлежности и средства за проекти. Но, тие и досега имаа какви-такви определни надлежности и средства за проекти врз основа на досегашните законски решенија. И? Се развиваа ли општините?
Проблемите, излегуваа од тоа што тие на изборите ветуваа се и сешто, а потоа лежерно реализираат само нешто од ветеното. Плус нерационални и прекубројни вработувања во општините, плус трошење на пари на некакви маркетинг-агенции, плус кафиња, сокчиња, виски, оревчиња, плус……
Значи, не е толку проблемот во надлежностите и буџетите колку што е проблемот во наравот на градоначалниците кога ја барат довербата на граѓаните. Со таков однос бадијала ќе биде да се утврдуваат нови надлежности и на општините да им се даваат нови средства…