Не е моја одговорност да обезбедувам мнозинство туку пратениците треба да дојдат на работа, изјави денеска Талат Џафери, претседател на македонскиот парламент. Тој одговори на критиките на опозицијата дека цел месец нема седница бидејќи владеечкото мнозинство не може да обезбеди кворум.
-Сите имаат обврска да дојдат, работата им е професионална и за тоа примаат плата, а друго се нивни калкулации. Според деловникот се казнува за три неоправдани доаѓања на некој пратеник, но такви ситуации нема, рече Џафери.
На прашањето дали има проблем во пратеничката група на ДУИ, бидејќи очигледно и од нивната група не доаѓаат пратеници, Џафери рече дека очекува да има разврска и во ДУИ и воопшто. Не може, според него, во недоглед да се оди така.
-Ние добивме сите мандат од граѓаните, без оглед што сме од партиски листи. Граѓаните ќе ценат колку одговараат на довербата што им ја дале, рече Џафери.