Апелацискиот суд во Скопје го вратил на повторно одлучување предметот во кој шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, ја тужи ВМРО-ДПМНЕ за клевета. За лидерот Христијан Мицкоски, станува збор за политички нарачки во пресрет на локалните избори.
-Ако не е јасно зошто никој не се занимава со сузбивање на организираниот криминал, тоа е поради тоа што истите луѓе се занимаваат со политички прогон. Тужбата на Русковска за видеоспот од кампањата за парламентарните избори која ја загуби во прв степен, Апелациониот суд ја враќа на повторно одлучување. Апелациониот суд очигледно ја уважува ‘душевната болка и претрпен страв’ од спот, во исто време кога кај народот душевна болка е тоа што наместо вакцини бркаа провизии, тоа што светски мафијаши сè уште хараат низ светот со пасошите на Спасовски, тоа што парите од рекетот никогаш не се дозна каде завршија, тоа што нема пари за лекување на граѓаните, а има за милионска противпожарна скала на Шилегов. Ако мислат дека ќе нè исплашат, се лажат. Ако мислат дека ќе победат, дебело ќе загубат, реагира Мицкоски.
Во прв степен, Русковска го загуби спорот, односно Основниот граѓански суд во Скопје ја отфрли тужбата со која обвинителката бараше отштета за клевета бидејќи опозицијата ги споменуваше нејзиниот лик и дело во спотови од предизборната кампања за ланските избори.
Одлуката да ја отфрли тужбата, Граѓанскиот суд ја донесе лани во октомври. Со тужбата, Русковска бараше отштета во висина од 10.000 евра, кои рече дека ќе ги донира во СОС детското село.
Русковска тужи поради тоа што нејзиното име се споменуваше во два спота на ВМРО-ДПМНЕ. Во еден беше прикажана мајка како му чита приказна пред спиење на своето дете и споменува име „Вилма“. Во друг спот, пак, се користеше нејзина и фотографија од судијката Добрила Кацарска, а ВМРО-ДПМНЕ велеше дека на тој начин сака да покаже дека тие станале синоним за неправдите на Зоран Заев и правниот систем.