Неопходноста од стратешкото планирање е клучен дел и од превенцијата, но и како предуслов за успех на самото управување со кризата, изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Оваа мисла тој денеска ја сподели со учесниците на конференцијата „Подобрен капацитет за превенција на несреќи и управување со кризи на локално ниво“, која се одржа во хотелот „Хилтон“.
– Важноста на доброто управување со кризи најмногу се гледа во кризни времиња, а ние за жал живееме во време кога кризите континуирано ни наметнуваат нови предизвици и како луѓе, но и како институции кои носат определени одговорности во овој дел, согласно со надлежностите дефинирани со законите. Како држава повеќе од година се справуваме со кризата наметната од светската пандемија од корона вирусот што од друга страна е доволно долг период да извлечеме некакви поуки и заклучоци од кои можат да произлезат конкретни чекори. Искуството со брзината на подготовката и уредувањето на кругот на Клиничкиот центар за изградба на монтажната инфективна болница, како и сообраќајните решенија кои овозможија поголема проодност за возилата на итната медицинска помош беше предизвик со кој успешно се справивме, но истовремено и ни укажа на низа аномалии на системот кои има простор да бидат отстранети со цел тој да биде унапреден во насока на поголема ефикасност. Она што постојано ни се провлекува како институции е неопходноста од стратешкото планирање како клучен дел и од превенцијата, но и како предуслов за успех на самото управување со кризата во текот на целото нејзино времетраење, истакна во своето обраќање градоначалникот Шилегов.
Тој додаде дека улогата на Град Скопје и на општините како единици на локалната самоуправа во делот на управувањето со кризи е помалку или повеќе дефинирана со Законот за локална самоуправа, Законот за управување со кризи, Законот за заштита и спасување и други правни акти кои неретко знаат да бидат и ограничувачки фактори кои неповолно влијаат врз брзината и ефикасноста на справувањето со кризите.
Дали било констатирано кои се системските празнини, пропусти и предизвици кои пандемијата до сега ги изнесе на површина во Скопје, не беше соопштено.