Откако денеска пратениците по подолго време се собраа и одржаа пленарна седница, на која им дадоа прво „зелено светло“ на антикризните закони и ги пратија во матичните комисии, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заслугата за ова си ја припиша себе си, а на власта и порача дека има мнозиство само за да си го продолжи мандатот.
-Добро е што владејачкото мнозинство го прифати предлогот кој го дадов вчера за приоритетно гласање на четирите закони за помош на стопанството и граѓаните, иако таа поддршка е мала и до сега недоволна. Се покажа дека власта има мнозинство само да си го продолжи својот мандат, но не и да носи закони за граѓаните. Ова е разликата помеѓу борбата за лични интереси која ја застапуваат борците за провизии од власта, и борбата за интересите на граѓаните на чија страна ќе бидеме секогаш, напиша Мицкоски на Фејсбук.