Советот на Град Скопје на претстојната седница ќе расправа за имињата на 485 улици во градот. Најголем дел од овие улици досега биле именувани со број или биле именувани како краци на други поголеми улици. По усвојувањето на одлуката, овие улици ќе добијат нови имиња.
Најголем дел од предлозите за нови имиња на улиците се предлози со кои ќе се именуваат краците на улиците Тодор Чангов, Ѓорѓи Капчев, Христо Татарчев, Бутелска, Скупи, Јуриј Гагарин, Козле, Алексо Демниевски и други. Речиси четвртина од предлозите за нови имиња се предлози со кои ќе се заменат имињата кои претходно биле нумерирани со број.
Со оваа одлука ќе бидат вратени и дел од старите имиња на улиците кои беа променити во текот на 2012 година, како „Ленинова“, „Железничка“, „Мексичка“, „Каирска“, „Стив Наумов“, „Салвадор Аљенде“, „4 Јули“, „29 Ноември“, „Бихаќка“, „Владимир Комаров“…
Мостот „Тодор Александров“ (популарно наречен мост Близнак) ќе биде преименуван во Мост „Накие Бајрам и Роса Плавева“, мостот „Слобода“ (кај Холидеј Ин) ќе се вика мост „Вера Ацева“, а новиот мост на бул. АСНОМ ќе се вика „Генерал Михајло Апостолски“.
Улицата пред Градскиот стадион ќе се вика „Столтенбергова“ според угледниот норвешки дипломат и висок функционер на Обединетите нации, Торвалд Столтенберг кој даде голем придонес во обновата на градот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
Булеварот „ВМРО“ ќе добие ново име и ќе се вика „Блаже Конески“, улицата „Стив Наумов“ (поранешна Ленинградска) ќе се вика „Славко Јаневски“, улицата „Адолф Циборовски“ ќе се вика „Горан Стефановски“, а улицата 1523 во Кисела Вода ќе се вика „Благоја Георгиевски – Буштур“. Пешачкиот мост кај зградата на Владата ќе го добие името по неодамна починатиот заменик-градоначалник на Скопје, „Енвер Малиќи“, а меѓу новите имиња на улици ќе се најдат и Беким Фехмиу, Ибрахим Ругова, Адем Демачи и Мајка Тереза.