Владата вчера повторно им се закани на граѓаните со казни ако одбијат да се попишат. Оние кои нема да се попишат, иако тоа го прават поради заштита од вирусот, ќе треба да платат по 300 евра, а оние кои поттикнуваат на бојкот ќе бидат кривично гонети.
Власта, очигледно, е решена по секоја цена да го спроведе пописот. Ни драстично зголемениот број на новоинфицирани лица од по илјада и повеќе дневно, ни големиот број на починати лица кој достигна 3.503 лица, ни укажувањата дека пикот допрва претстои, ни одложувањето на пописот во повеќе соседни и други земји, не се доволни за да се пролонгира ризичното пребројување. А да не зборуваме дека освен за пандемијата голем број од граѓаните бараат одложување и поради политички мешања во пописот – па бараат одложување и нова регулатива за да се добијат реални бројки.
Но, што е со еден друг вид на казни? Што е со казни за оние кои со вакво наметнување на обврската да се врши пописот во ек на пандемијата најдиректно го загрозуваат здравјето на граѓаните? Што е со таквите кривични дела, ги има ли, кој за нив ќе изрекува казни? Вакви прашања поставуваат деновиве граѓаните на Фејсбук-страницата на „Скопско ехо“.
– Ќе се најде ли правнички поткован лик или партија да и поднесе кривична пријава на Владата заради свесно поттикнување на масовно заразување на граѓаните во услови на прогласена епидемија???, праша еден граѓанин.
Се поставува и прашањето дали ќе има одговорност за политички договорен попис?
– А за лажирање попис, колку години затвор? А кој ќе се запише два или повеќе пати?, прашуваат сограѓаните.
Граѓаните, реагираат… очигледно се ставени во менгеме меѓу ризикот да се заразат со вирусот или ако тоа го избегнат да платат висока казна. Дали оние кои ги ставија во таква ситуација, се ставаат себе си над законот?