Протестите на угостителите и организаторите на свадби денеска кулминираа со импровизирана свада на улицата пред Владата.
Поставија се – од астали до детаљи како прекривки и букети, а недостасуваа само младоженци. Еден од ретките гости кои им дојдоа беше вицепремиерот за економки прашања Фатмир Битиќи го седна на една од сватовски маси за да ги слушне нивните барања, но и да им каже како стојат работите.
Угостителите му се пожалија дека помошта што ја добиваат од државата не е доволна и дека бараат да им се дозволи работа по протоколи на останатите ресторани.
Битиќи, пак, преку својата лична борба со ковид-19 им го посочи ризикот од олабавување на мерките.

-Сега ви зборувам како човек, а не како функционер, јас сум еден од тие што потешко го помина вирусот и денеска пред се, здравјето на секој еден од вас ми е поважно од последиците што може да ги имаме затоа што тоа ќе го надоместиме заедно. Сите работодавци ќе бидат поддржани и во моментов се поддржуваат со мерки за вие да продолжите со работа, но нема да може да работите, ако за жал вие бидете заразени или сте во здравствена состојба што нема да ви дозволи да го правите тоа, им кажа Битиќи.
Од Иницијативниот одбор на протестите на крајот оценија дека средбата поминала добро, и се договориле за повторна средба заедно со Државниот пазарен инспекторат, за да го разгледаат протоколот за да можат и тие да почнат со работа.
Нивните предлози се, прославите да бидат организирани со 40 до 50 лица, во зависност од тоа кој каков капацитет има во локалот, согласно протоколите, а во првите два месеци ќе работат без музика.
Тие изминативе денови организираа два протести, при што ги блокираа булеварот „Александар Македонски“, улицата „16-та Македонска бригада“ и улицата „Интернационални бригади“ со барање да се овозможи соодветен протокол за работа.
Тие тогаш најавија дека доколку е потребно секојдневно ќе ги блокираат улиците во Скопје се додека не бидат исполнети нивните барања.