Неколку години кекот на Вардар позади ГТЦ е во хаос и распаѓање. Неколку пати беше ветено дека на тоа ќе се стави крај.
Еве денеска пак се вети и конечно се поичнуваат конкретни активности. Унифицирани тераси, целосно ново поплочување, патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, смарт клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри…ќе бидат дел од новото партерно уредување на скопскиот кеј „13 ноември“.
Проектот го прави Градот Скопје на потегот од градскиот плоштад до улицата „Стив Наумов“ и со него партерно ќе се уреди површина од околу 12.500 квадратни метри која концептуално ќе се поврзе со околните објекти. На почетокот на активностите за уредување на овој дел од кејот денеска присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, премиерот Зоран Заев, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, претставници од Градскиот трговски центар и Телеком и познати стопанственици.
– Овој проект е во вредност од 88,6 милиони денари со вклучен ДДВ, средства обезбедени од Буџетот на Град Скопје. Ослободуваме повеќе место за велосипедистите и пешаците преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила, имајќи предвид дека Градот има обврска кон Телеком. Оваа сервисна улица ќе може да ја користат ограничен број возила, во временски интервали, посочи градоначалникот Шилегов.
Тој додаде дека терасите кои ќе ги користат угостителските објекти ќе бидат унифицирани и поставени на начин што ќе овозможи да дојде до израз прекрасниот двоен дрворед од повеќегодишни развиени дрвја.
Според премиерот Зоран Заев, овој проект за кејот на Вардар на Скопје ќе му го даде обележјето што го има секој поголем европски град кој се развива покрај река и во кој бреговите се негуваат како јавни површини на кои првенствено место имаат граѓаните.
– За мене и за Владата е битно тоа што ќе ослободиме уште еден дел од јавните површини кои беа окупирани од „Скопје 2014“ особено по должината на кејот на Вардар и што ќе се ослободи влезот од северната страна на Градскиот трговски центар, еден од најпрепознатливите маркери на градот Скопје, истакна премиерот Заев.
Да се надеваме дека овој пат најавите нема да подзастанат и повторно кејот да биде оставен во лоша состојба иако се ветуваше сосема спротивното.