Општина Аеродром соопшти дека го повлекува неодамнешниот конкурс за новинарски статии со кои ќе се промовраат европските вредности.
Ваква одлука падна по денешната средба на градоначалникот на Аеродром, Златко Марин, со претставници на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) кои бурно реагираа на конкурсот и се спротивставија.
– Целта на ваквата одлука е да се исклучи и најмал сомнеж во јавноста за искрените намери на Општината. Со конкурсот сакавме да поттикне независни истражувачки стории на теми поврзани со европски вредности, особено кај младите и талентирани новинари, велат од Општина Аеродром.
Тензиите на релација Аеродром – ЗНМ се појавија откако на 3 февруари Општината објави конкурс за новинарски статии од областа на заштитата на животната средина, модернизација на урбаното живеење, подобрување на квалитетот на живот и руралниот развој, со кои би се промоврале европските вредности.
Општината предвидела три награди во вкупна вредност од 180.000 денари, кои би биле доделени на 9 мај – Денот на Европа.
Од ЗНМ сметаат дека ова е недозволиво бидејќи „мотивирање на новинари и медиуми со јавни средства да известуваат за работата на општините, претставува етички конфликт кој може да значи влијание врз уредувачката политика, а тоа може да предизвика штета на медиумската сцена“.