Исфрлено е името на Али паша Јанински од предлог-листа за именување на улиците во градот, реши денеска Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје.
-Одлуката на оваа комисија доаѓа по реакцијата на една од заедниците во врска со името на Али паша Јанински, а со цел никој во градот да не се чувствува засегнат или навреден од именувањето на улица или инфраструктурен објект, се наведува во сооштението што го објави Градот Скопје.
Името на Али паша Јанински беше наведно меѓу 571 име на личности и настани кои деновиве беа објавени од страна на Градот Скопје а чие усвојување се очекува на седница на Советот на Градот.
Наведувањето на ова име предизвика посебно реакции и противење кај претставници на влашката етничка заедница. Во реакциите се бараше повлекување на оваа име бидјеќи се смета за разбојник кој направил и геноцид врз влашката популација во почетокот на 19. век.
-Власите се зачудени и навредени од одлуката на листата на имињата на улиците да се најде сатрапот Али Паша Јанински. Освен што бил познат џелат, тој немал никаква друга историска заслуга за да се најде на оваа листа. Разбојник и одметник од Големата Порта, палел, убивал и пљачкал од убавите и богати влашки села. Затоа реагираме веднаш да биде тргнат од оваа листа, се вели со соопштението од Демократски сојуз на Власите.