Повлечена ли е намерата со која од септември годинава четворооделенците ќе учат од дигиталните учебници или не? Ваква дилема се јави денеска откако во јавноста синоќа беше објавено дека Владата го повлекла од собраниска процедура Предлог-законот за учебници и наставни материјали кој ја предвидува ваквата новина а потоа со реакции се јави и Министерството за образование и денеска лично министерката Мила Царовска. Иницијативата „Учебници и настава мора да има“ синоќа објави дека добиле официјално известување од претседателот на Собранието, Талат Џафери дека Владата го повлекува Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование. Поради тоа, како што објавија, нема да се одржи ниту референдум за кој во овој период требаше да започне постапката за собирање на потребните 150.000 потписи.
Но, очигледно, МОН и Царовска не мислат така. Министерството соопшти дека реформата во основното образование почнува со новата учебна година во прво и четврто одделение, за што се прават сите потребни подготовки.
-Наставата за прво одделенците и за четврто одделенците од први септември ќе тече по новата Концепција, со новите материјали за учење за што сме сигурни дека ќе дадат подобри резултати кај учениците. Сите подготовки се одвиваат според планот и утврдената динамика. Наставните програмите се веќе донесени. Во постапка е набавката на 10 илјади таблети. Тече подготовката на материјалите за учење за прво одделение кои треба да се готови до крајот на јули, а првата половина на август првите дигитални учебници треба да бидат сосема готови и да се дистрибуираат до училиштата. Дополнително се набавуваат кабинети за природни науки за 265 училишта. Овие кабинети се за погорните одделенија, но важно е училиштата да се подготвени за имплементацијата на реформскиот процес кој ќе се спроведува во следните 5-6 години, наведе МОН.
Царовска, пак, денеска даде речиси идентична изјава.
–Реформите за основно образование стартуваат од септември за учениците во прво и во четврто одделение. Програмите се донесени. Транспарентно се објавени и сите дискусии, но со објавувањето се затворија, бидејќи видоа дека нема ништо драматично и различно од она што го ветувавме, а тоа е критичко размислување, поврзување со теми, проектно работење и сите други вредности, кои се значајни и треба да се воведат, како родова рамноправност, интеркултура, инклузивност. Тоа значи образование за секое дете со еднаков квалитет, изјави Царовска.
Министерката потврди дека се подготвуваат и материјалите за учење за прво и за четврто одделение како и дигитализација и мултимедија содржина за четврто одделение.
Што ова, конкретно значи, останува да се види. Но, јасно е дека кај учениците и кај родителите сега е создадена конфузија околу тоа дали четвртоодделенците ќе учат од дигиталните учебници или не? Ако се планира така тогаш треба да се утврди дали е тоа можно без донесување на новите законски решенија кои предизвикаа револт кај граѓаните? Или се работи за правни игри со цел да се опструира одржувањето на референдумот во изборниот период?