ДОМ останува само со еден пратеник во Собранието, откако досегашниот пратеник од оваа партија Мирослав Богдановски поднел оставка од пратеничката функција.
Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин која заедно со Богдановски беа двацата пратеници од коалицискиот партнер на СДСМ, вели дека не знаела за оваа одлука на нејзиниот сопартиец. Ќе чека да ги слушне причините на денешната пленарна седница на чиј дневен ред е оставката.
Богдановски, кој во изминатиот период имаше несогласувања со раководството на ДОМ и најави дека ќе дејствува независно во парламентот, најави дека се враќа на претходното работно место – главен инспектор во град Скопје.
Богдановски е уверен дека ќе биде попотребен во градската инспекција отколку во Собранието. Тој за изјави дека оставката ја поднел вчера и се уште не разговарал со претседателката на партијата Маја Морачанин, со која и онака немал добра соработка.
Богдановски влезе во Собранието од листата на коалицијата на СДСМ во првата (скопска) изборна единица, а претходно работел во Инспекторатот на град Скопје. Неговото место во парламентот треба да го заземе следниот кандидат/ка, веројатно од СДСМ.
Тој и актуелната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска пред околу еден месец останаа без партиските функции, откако ЦО им изгласан недоверба и ги изгубија позициите потпретседатели и членови на Извршниот одбор. Причината е иницијативата за одржување вонреден партиски конгрес.