Ако продолжи трендот на намалување на заразата со ковид-19, можно е од јуни да се одобри барањето на угостителите за организирање свадби и прослави под строго утврдени протоколи, потврди министерот за здравство Венко Филипче.
Рестораните и понатаму би биле отворени само во надворешниот дел од локалот, а се размислува и за зголемување на капацитетот на гости на една маса. Предлозите ќе се дискутираат во рамки на Комисијата за заразни болести, посочи Филипче.
-Многу е веројатно да се случи, ако продолжат овие трендови на намалување, но не можам да тврдам, да се дозволат свадби после долго време, со протоколи во однос на пополнетост на капацитет во надворешни услови и евентуално да се излезе во пресрет на барањето за зголемување на бројот на посетители по маса. Сите други протоколи во однос на организација на настани соодветно е да продолжат и понатаму, изјави Филипче.
Идната недела се очекува да бидат готови сертификатите со електронски код со податоци за вакцините, со кои ќе може да се патува низ европските држави. Во комуникација се, како што рече, сѐ уште со српските колеги, од каде што се чекаат податоци за граѓаните што примиле вакцина таму, за да може ревакцината да ја добијат во Македонија, ако не станува збор за „Астра Зенека“, која кај нас не се дава на лица под 60 години.
-Ние следната недела ќе го издадеме т.н „грин-пас“, тоа ќе биде оној електронски кју-ар код, во кој ќе има податоци за вакцината, ПЦР-тест и евентуално за антитела. Па кој било од трите параметри, ако се бара во која било европска земја, да може патникот да ги има со себе, изјави денеска Филипче.