Доставен ли е или не елаборат врз основа на кој треба да се изрече суспензија на ДУП-от за парцелите кај хотелот „Холидеј ин“, прашува денеска невладината организација О2 Иницијатива. Оваа организација укажува на контрадикторни изјави на градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ и на Министрството за транспорт и врски.
–Кој кого лаже тука? Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ вели дека го пратил елаборатот за суспензија на ДУП-от за парцелите спроти Холидеј Ин. Денес од кабинетот на министерот Бочаварски велат дека елаборат не е доставен, се потенцира во објавата на Фејсбук-страницата на оваа организација.
Во неа се укажува дека Богдановиќ уште пред 4 месеци беше задолжен од Советот на општина Центар да побара суспензија за ДУПот и достави соодветен елаборат, но тој и денес, после уплатени комуналии од инвеститорот. 02 иницијатива наведува дека Богдановиќ за агенција МИА изјавил следно: „Ние испративме до Министерството за транспорт и врски уште во декември. Моментот е што таму и од дел од институциите треба да ни се дообјаснат одредени методологии како да пристапиме. Бидејќи елаборат е општ поим, значи дали е тоа елаборат за нарушување на животната средина или за јавниот интерес. Што е јавен интерес, кога најголем дел од парцелите има и приватен, треба тоа јасно да ни се дефинира. Значи ние треба да кажеме што е тоа што планираме, а што треба да се направи и дали навистина влегува во тој дел што денеска го дискутираме. Така да, ние испративме едно барање, очекуваме одредени допрецизирања за да видиме што треба да се дополни. “.
–На чекор пред истекот на рокот во кој мора или да издаде дозвола за градење или да ги врати уплатените пари, градоначалникот на Центар се прашува каков тоа елаборат треба да се изготви? Не можел во изминативе 4 месеци да утврди каков елаборат се бара, комисијата за урбанизам да го изготви и да го испрати? Кој кого тоа влече за нос тука?, потенцираат од оваа невладина организација.