Општина Центар не ни доставила елаборат за суспензија на ДУП-от за паркингот кај ГТЦ, изјави денеска Благој Бочварски, министер за транспорт и врски. Тој одговараше на новинарски прашања врзани за случајот со најавената изградба на три висококатници на оваа локација што предизвика реакции и отпор во јавноста. Вчера, градоначалник на Центар Саша Богдановиќ рече дека тие го пратиле елаборатот во Министертсвото.
-Ние во Министерството немаме добиено таков елаборат за суспензија. Затоа утринава имавме состанот на кој сум информиран дека Советот на општина Центар денеска ќе донесе одлука како да постапи во однос на ова прашање. Тие потоа нас ќе не информираат. Ако е одлуката во насока на суспензија, ќе треба да достават елаборат до Министерството и на што ние ќе дадеме свое мислење во рок од 15 дена, објасни Бочварски.
Тој рече дека ако се бара суспензија на целиот ДУП тогаш таа може да трае 12 месеци за да се донесе нов план, а ако се суспендира дел од планот тогаш сузпензијата може да трае шест месеци за да се изврши промената.
-Законот за урбанистичко планирање нуди можност за суспензија, но барање за неа мора да потекне од општината а потоа сите институции ќе дадат мислење, нагласи Бочварски.