Владата решила да штеди. Детален извештај за целта на работниот состанок, бројот на присутните лица, време, место и датум кога се одржал ќе биде главен доказ дека некој функционер оправдано си ги трошел средствата наменети за репрезентација – читај ручеци, пијалоци…. Без таков извештај Секторот за финасии во државниот орган нема да изврши исплата на угостителски трошоци, а ако имало пречекорување функционерите ќе мора да го недоместат од својот џеб.
Ова е суштината на промените кои вчера ги донела Владата со Одлуката да се ограничат средствата за угостителски услуги за лица именувани од Владата.
– Во случај на непочитување на одредбите на оваа одлука против раководителите опфатени со неа може да се применуваат една од утврдените мерки во член 23 од Кодексот за етичко однесување, соопшти вчера Владата.
Колкави средства за репрезентација им се оставаат на располагање на раководителите и други функционери во министерствата, другите органи на државната управа и правните лица основани од Владата не се соопштува.
Треба ли да бидеме потполно задоволни од оваа најава на Владата? Порано имавме најавата од првиот антикорупционер во Владата вицепремиерот Љупчо Николовски дека на министерите ќе им „се брои секоја испиена чаша вода“. Но дали на тој начин навистина се штеди за да се потрошат средствата за многу поважни работи во Македонија? И всушност дали навистина Владата решила да штеди, односно порационално да ги троши народните пари?
Штедење ли е давањето многу пари за ангажирање на голем број владини хонорарци и советници? Соопштените бројки од 55 хонорарни соработници за кои месечно се плаќаат 37.000 евра, за 36 советници и надворешни соработници на секој први во месецот одат околу 27.000 евра од владиниот буџет секако се премногу. Односно, и тука е потребно намалување бидејќи каква е оправданоста од нивното ангажирање со толку многу вработени во владините и државните служби?
Да не испадне дека на една страна декларативно ќе се штеди кај репрезентацијата, а на друга ќе се троши за ангажирање на премногу хонорарци и советници, наместо за многу попотребни работи.