Видео-презентација на новиот изглед на зградата на Општина Аеродром бешe направена за јавноста по повод одбележувањето на 16-годишнината од постоењето на оваа скопска општина. Претставено е награденото идејно решение на неодамнешниот конкурс за проектирање нова општинска зграда.
Новата трикатна зграда ќе биде лоцирана на аголот на булеварите „Видое Смилевски – Бато“ и „Србија“ и ќе има полукружна форма. Новата зграда како што наведуваат од општина Аеродром, ќе значи крај на високиот месечен наем, а за аеродромци – пристојни услови каде што ќе можат да ги добијат сите граѓански услуги.
Навистина добар роденденски потег. Но, проблемот е во тоа што овој објект веќе требаше да биде изграден и завршен. Тоа најконкретно беше ветено и во изборната програма на актуелниот градоначалник Златко Марин промовирана пред четири години. Во програмата се наведува дека изградбата на нова општинска зграда е насушна потреба за граѓаните на општината и дека капиталната инвестиција ќе се реализира преку јавно-приватно партнерство. Беше наведено и тоа дека ќе одговори и на други барања на граѓаните: во неа ќе има повеќенаменска сала, која ќе се користи за состаноци, но и за венчавање. Пред општинската зграда ќе има мултифункционален плоштад што ќе значи можност за повеќе активности на граѓаните и граѓанските организации.
-Изградбата на општинската зграда ќе придонесе за заштеда на средства од општинскиот буџет. Веќе 12 години од парите на граѓаните се издвојуваат секој месец од 6.000 до 8.000 евра на име кирија за изнајмениот простор. Општинската зграда 100 проценти ќе го задоволи јавниот интерес на граѓаните преку архитектонското решение и содржините планирани во неа. Рокот за изградба е 2018 – 2020 година, пишува во изборната програма на Марин.
Сега сме 2021 година и објектот го има само на видео и фотографии…