Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денес го потпишa Решението за одобрување на Планот за ремедијација на локалитетот на ОХИС АД Скопје, со што ќе можат да започнат активностите за отстранување на линданот и на почвата контаминирана со линдан од малата депонија.
Ова вчера го побара Владата откако од Агенцијата на ОН УНИДО стигнала потврда дека е прифатен планот на фирмата „Полиеко“, избрана на меѓународен тендер за чистење и ремедијација на малата депонија со опасниот историски отпад линдан, како и за дефинирање на временската рамка на изведбените работи.
Во постапка е издавање на две дозволи за извоз на овој опасен отпад, согласно Базелска Конвенција: за во Франција каде ќе се извезе линданот и за во Холандија каде ќе се извезе контаминираната земја под линданот.
Процесот на отстранување на дел од малата депонија, да заврши до почетокот на наредната годината доколку дозволат условите со пандемијата, при што би се отстраниле првите количини (~ 700 тони) на почва контаминирана со HCH и чист HCH – отпад.
Илјадници тони токсичен отпад се депонирани во дворот на ОХИС, остаток од производството на пестицидот Линдан, кој се правел во фабриката. Меѓу токсичните супстанци, има и значителни остатоци линдан, кој од 2009-та е забранет за производство. Речиси една деценија подоцна, Македонија се уште бара начин како најбезболно да ја затвори оваа отворена рана.
Линданот е пестицид, кој порано се користел во земјоделството. Белиот прашок служел како инсектицид, а со неговото одвојување од другите соединенија се создала огромна количина токсичен отпад кој се депонирал на отворено.
Иако затрупани, смртоносните супстанции во ОХИС се сметаат за најжешка еколошка точка во Македонија.
Земјата со која е покриен отпадот, не претставува никаква заштита, туку напротив се контаминирала од отровите и така се создала уште поголема маса од четириесет илјади тони опасни супстанци кои со децении се оставени на отворено. Со текот на времето бетонските базени распукале, па со линдан се контаминирале и подземните води.
ОХИС одамна не постои, но линданот и натаму е закана за здравјето особено на оние кои живеат во околината. Да се надеваме дека конечно по толку децении, оваа темпирана бомба конечно ќе биде деактивирана.