Што ќе се гради на големиот паркинг спроти ГТЦ? Ова е прашањето на кое скопјани бараат одговор, негодувајќи на најавите дека ќе се градат восококатници.
Денеска одговор на овие дилеми даваа архитектите Јана Гугуловска – Ѓорѓевиќ и Мартин Пановски
-Ние не планираме да изградиме бетонски чудовишта, туку модерен, целосно еколошки и енергетско ефикасен проект, изработен според највисоки еко стандарди, објасни Гугуловска – Ѓорѓевиќ.
Таа и нејзиниот колега зборуваа за проектот на компанијата „МГ Фешн“ која заедно со МПЦ се јавуваат како инвеститори на градбите кои предизвикаа отпори во јавноста. Околу десет илјади граѓани веќе ја потпишаа петицијата, а начин да се стопира градбата бара и општина Центар, а целиот проект го истражува и државната Антикорупциска комисија.
Архитектите објаснија дека во трите предвидени згради ќе има 400 станови во кои се очекува да живеат околу 1.200 жители, како и локали и канцеларии. Ќе има и 1.000 паркинг места, 6.520 метри квадратни ќе бидат зелена површина, а површината на градба ќе биде 13 654 м2. Две од трите кули ќе бидат наменети за домување, а една ќе биде деловен простор.
-Што се однесува до петицијата, јас колку што знам таа гласи „Не за масовни чудовишта“, а не е за не градење или стопирање на градба. Имајќи во предвид дека таа макета изработена од наши колеги, не соодејствува со деталниот урбанистички план според кој е правен овој проект, мислам дека е беспредметно да правиме муабет за некаква петиција, која што е направена врз база на некакви си модели кои не се согласни со ДУП, рече архитектката Гугуловска-Ѓорѓевик.
Архитект Пановски информира дека проектот не е плагијат.
– Не станува збор за проект-плагијат. Вертикалното зеленило е светски тренд. Ова ќе биде прв таков објект во Скопје. Ние имаме богато искуство со проектирање на зеленило на покривни површини, рече Пановски.
Директорот на „МГ Фешн“ која е дел од “Фешн Груп“, Илија Божиновски рече дека во овој проект наречен „Гранд“ ќе вложат околу 60 милиони евра. Во портфолиото на ова компанија има повеќе објекти, а најзначаен е „Скопје Сити Мол“, инвестиција вредна 100 милиони евра.
Од друга страна, со јавниот повик на 29 граѓански организации и универзитетски професори од премиерот Зоран Заев денеска побараа да се спаси просторот.
-Ве повикуваме Вас како премиер, Владата и сите надлежни институции, во најитен можен рок јавно да се произнесете и да покажете суштинска волја за борба против урбанистичкото дивеење и распродавањето на јавниот интерес, односно воспоставувајќи систем на владеење на правото, а во врска со деталните урбанистички планови (ДУП), наведоа тие во обраќањето.