Македонија се соочува, во основа, со два проблема, посочува денеска претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, во текст објавен во печатено издание на весникот „Нова Македонија“. Тој подетално ги објаснува проблемите:
-Првиот ќе го именувам како „идентитетски проблем“. Kога станува збор за Владата на Република Македонија, МАНУ, УКИМ и другите институции во државава, тие се должни цврсто да ги бранат научните тврдења на светските лингвисти, слависти, историчари, хуманисти, етнолози, според кои македонскиот јазик, идентитет, историја, култура имаат повеќевековна традиција во и надвор од границите на денешна Македонија.
Вториот проблем ќе го именувам како „проблем на демократијата“. Кажано со стручни зборови, консоцијалната демократија како систем на поделба на моќта меѓу етничките групи, а не како систем на поделба на моќта меѓу еднаквите индивидуи, за Македонија стана опасност по стабилноста и нормалното функционирање на системот. Со други зборови, еднаш и засекогаш треба да се отстрани доминацијата на малцинството над мнозинството (притоа, предочувам дека и двете доминации, доминацијата на малцинството над мнозинството, но и доминацијата на мнозинството над малцинството, се штетни и треба да се спречат со различни механизми). Тоа придонесе, во спрега со некои други фактори, демократските институции на државава, од независноста на Македонија до денес, сѐ повеќе да еродираат. Денес, за жал, во Македонија нема демократско владеење, туку недемократско дивеење, напишал академикот.
Воедно Коцарев посочува и што во Македонија предизвикува зборот – политичар.
-Според мене, во Македонија зборот „политичар“ предизвикува сложена, повеќеслојна емоција, мешавина од разочарување, одвратност, лутина и, пред сѐ, страв. Страв предизвикан од можноста Македонија да се распадне, да исчезне, потенцира претседателот на МАНУ.
Во подолгиот текст објавен во реномираниот македонски весник, кoj e насловен како „За достоинството и гордоста“ (целиот текст може да го прочитате ТУКА) академикот отвора тема и за отсуството на самопочит на македонските политичари, па дури и нивната сервилност и желба за владеење, дополнети со незнаењето, ароганцијата…