Кривични пријави за насилство ќе бидат поднесени против повеќе лица кои со клоци претепале малолетно дете во Кочани. Полицијата вчера соопшти дека до сега се идентификувани девет лица кои учествувале во овој инцидент, а тројца биле приведени.
Случајот излезе во јавноста откако на социјалните мрежи се појави снимка на која се гледа како повеќе лица удрираат малолетно дете кое претходно го опколиле. Детето лелекало и молело за помош, но тие продолжиле со удирањата. Според првичните сознанија се работи за 13-годишно дете (Д.А.) од Скопје кое во Кочани живее во згрижувачко семејство оти неговото е дисфункционално. Настанот се случил на 11 април околу 20 часот во кочанската населба „Трајаново трло“ . Според првичните информации тоа сега е во добра здравствена состојба.
-ОВР Кочани ја известува јавноста дека во координација со ОЈО Кочани ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело ‘насилство врз дете’, а идентификувани се девет лица, со кои е извршен службен разговор и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава. По преземени мерки утврдено е дека настанот се случил на 11.04.2021 околу 20 часот во Кочани. ОВР Кочани презема мерки и за расчистување на останатите инциденти кои следеле во текот на вечерта. Во координација со ОЈО Кочани до сега се приведени А.Н. , Н.Н. и А.В., а извршен е службен разговор со 20 лица соопштуваат од МВР.
По целосно расчистување и документирање на настаните, случајот ќе биде предаден на понатамошно постапување во Обвинителството.