Со недели се препукуваа, за само неколку часа денеска да се договорат. Пратениците од власта и од опозицијата експресно ги поминаа антикризните закони кои ги испратија во матичните комисии, и ја започнаа седницата за пратенички прашања.
Вака заврши претпладневниот хаос во Собранието, кој започна со брифингот на Талат Џафери кој порача дека не прифаќа ултиматум од ВМРО-ДПМНЕ, кои го условуваа учеството на седница со тргање на некои точки од дневниот ред на 36 -та седница.
Потоа, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се наредија со една од собраниските сали и порачаа дека се тука да ги гласаат антикризните закони.
Откако влегоа во салата некаде пред 13 часот, по долга расправија Џафери ја прекина седницата и одржа координација.
Дека е постигнат договор меѓу најбројните партии во Собранието покажува бројката од 86 гласа „за“ со која пратениците го усвоија предлогот на Владата по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза за месеците февруари и март 2021 година, а потоа со 86 гласа го поминаа и другиот закон со антикризни мерки за работодавачите.
Овие точки се на дневен ред на 36-та седница која самиот спикер Џафери предложи да се одржи денеска и за тоа доби поддршка од 53 пратеници, без ниту еден против или воздржан.
Отстапката што е направена е дека наместо 29 точки колку што има на оваа седница, договорено е да има само 4, блиску на она што го бараше опозицијата.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, сепак му забележа на Џафери, дека со одлагање на седницата за пратенички прашања прави обид за замолчување на опозицијата.
Мицевски рече дека неговата партија барала за овие закони да се гласа во меѓупросторот на нова седница, а не на постоечката 36 по ред.
-Да ми одговорите за циркузот што го правите во Собранието и да ми го цитирате членот врз основа на кој одлучивте да ја прекинете седницата за пратенички прашања. Зошто пред очите на јавноста се уште се занимавате со политиканство, а не го прифатите предлогот да се одржи 38. седница која би ја закажале по итна постапка денеска со четирите пакет мерки, да бидат изгласани и да го имате присуството на опозицијата? Предлогот беше, на паузата, по седницата, меѓу 14 и 15 часот, да ги изгласаме четирите закони, Но, сакате да ја замолчите опозицијата за скандалите кои се случуваат, рече Мицевски.
Овој впечаток Џафери го поправи со тоа што веднаш по 36-тата, ја запона 37-та седница со пратенички прашања.
Единствено коалицијата Алијанса и Алтернатива се децидни дека нема да поддржат ниту еден закон додека не се изгласа предлог-законот за државјанство што го поднесоа тие.