Dark Mode Light Mode

Пинг – понг меч помеѓу Симевски и Караџовски, ќе загуби ли пописот?

Институционалниот пингпонг околу тоа кој е надежен за одложување на пописот поради ситуацијата со пандемијата – продолжува. По размената, деновиве, на неколку „јаки серви“, последен удар (барем засега) зададе директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симевски кој возврати на вчерашната изјава на првиот епидемиолог Жарко Караџовски дека Комисијата за заразни болести не е орган кој носи одлука дали пописот ќе се одложи или не поради пандемијата. Симевски смета дека Комисијата, сепак, има решавачка улога со давање на препораката за тоа.

-Мислам дека пораката на д-р Караџовски е погрешно разбрана, комисијата може да даде само препорака, не носи одлуки во никој случај. Меѓутоа единствениот субјект кој може да даде препорака по било што. Тие ни дадоа протоколи, но истите може да се менуваат зависно како се движат состојбите со ковидот и ако оценат дека условите се такви да не може да се одвие можат да дадат препорака, изјави денеска Симевски за телевизијата Канал 5.

Пинг – понг мечот почна пред недела дена кога на барањата да се одложи пописот поради се поголемиот број на заболени од корона вирусот Симевски изјави дека таква одлука-препорака може да донесе само Комисијата за заразни болести.

Реклама

-Единствените коишто можат да предложат одложување на пописот поради Ковидот е Комисијата за заразни болести. Ако оценат дека ситуацијата е таква да не може да се контролира, треба да дадат препорака до Владата за да се донесе таква одлука, изјави Симевски.

Првиот епидемиолог во земјава Караџовски на вчерашната конференција за печат имаше поинаков став.

-Комисијата за заштита од заразни болести не ја носи одлуката дали пописот ќе се одржи или не. Ние подготвивме протокол за заштита при вршењето на пописот, како што направивме за одржување на изборите, за работата на Владата, на парламентот. Дадовме повеќе опции за заштита кога пописот се врши во куќа, во зграда, за носење на маски и други заштитни средства, држење на дистанца од најмалку два метри. Тоа го испративме до надлежните. Но, конечната одлука дали пописот ќе се спроведе или не, е одлука на други државни институции, објасни Караџовски.

Сега, откако Симевски врати, се чека каков „удар“ ќе изведе Караџовски кој треба да објасни дали Комисијата треба да даде препорака за одложување на пописот како што наведува Симевски. Или, Комисијата може само да утврдува протоколи за заштита и да предлага превентивни мерки како затворање на ресторани, маски на отворено…?

А, граѓаните пред се очекуваат пинг – понг мечот меѓу Караџовски и Симевски да се прекине и да се работи посериозно и потранспарентно и од нив и од целата Влада која до сега само си го гледаше натпреварот. Пандемијата се засилува, а датумот кога попишувачите треба да тргнат по домовите во Македонија се доближува.

Инаку, Симевски треба и да го разгледа другиот проблем кој укажува дека пописот можеби треба да се одложи – малиот одѕив на пописот од страна на иселениците, а и се поголемата најава за бојкот од страна на граѓаните кои живеат во Македонија.

Keep Up to Date with the Most Important News

By pressing the Subscribe button, you confirm that you have read and are agreeing to our Privacy Policy and Terms of Use
Previous Post

Полицискиот час го прекршиле 23 лица, казни и за 455 граѓани кои не носеле маски

Next Post

Во скопските ковид-центри примени 71 нов пациент, слободни само 40-тина кревети

Реклама