Обвинителството бара малолетникот кој го прегази хирургот Ѓорѓи Јота на пешачки кај Клинички да одговара за две кривични дела – „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“
Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Советот за деца при скопскиот Основен кривичен суд достави предлог за примена на санкција за малолетникот на возраст од 16 години кој е во куќен притвор.
Истрагата покажала дека тој не се придржувал кон сообраќајните прописи и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довело во опасност животот и телото на луѓето – односно возел без дозвола, возел брзо, не пропуштил пешаци на пешачки премин и избегал од местото на несреќата.
Постапката против него се води според Законот за право на детето со оглед дека нема наполнето 18 години, а од ОЈО Скопје соопштија дека побарале да му се продолжи куќниот притвор поради опасност од бегство.
Состојбата на хирургот Јота пак, кој првично беше во кома, на почетокот на овој месец се подобри и тој веќе не беше на респираторна машина. Но според лекарите таа и натаму е тешка, поради повредите на главата и на градниот кош и неговото лекување продолжува.