Шестмина обвинети дека биле дел од толпата на протестите по пресудата за „Монструм“, утре влегуваат во судница.
Скопското обвинителство ги товари за „Учество во толпа која ќе изврши кривично дело“, за што може да добијат од шест месеци до пет години затвор.
Судењето за настаните на 26 февруари во Скопје, ќе го води судијата Марин Станевски, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Марија Демирова – Панајотова.
Според Обвинителството, овие шестмина на 26 февруари, како учесници на протестот за пресудата за „Монструм“, насилно се однесувале кон полициски службеници и други присутни лица – фрлале со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, за да го пробијат полицискиот кордон.
Притоа, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници.