Едно лице синоќа е тешко повредено откако во него удрило возилото „БМВ“ на крстосницата од булеварот “Мајка Тереза“ и улицата “Елисие Поповски-Марко“ во близина на Клиничкиот центар. Според сознанијата, се работи за познат скопски хирург кој во моментот на несреќата како пешак ја поминувал крстосницата.
Полицијата соопшти дека со џипот „БМВ Х6“ управувало 16-годишното момче.
– На 25.02.2021 во 20,30 часот било пријавено дека на крстосницата од булеварот Мајка Тереза и улицата Елисие Поповски-Марко патничко моторно возило БМВ Х6 со скопски регистарски ознаки управувано од 16-годишник удрило во Ѓ.Ј. (58) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил пешакот констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје, соопштија од МВР.
Инаку, за потсетување полицијата скоро секој ден казнува по околу десетина лица кои возат без дозвола во Скопје, но оваа опасна навика никако да се намали меѓу дел од скопјани.