Партиите ЛДП и ДОМ кои се дел од владеачката коалиција на претстојните локални избори ќе настапат самостојно, најавија синоќа партиските лидери Горан Милевски и Маја Морачанин. Во дебатата на телевизијата ТВ21 тие рекоа дека се подготвуваат за изборите наесен.
-Ќе настапиме самостојно на локалните избори, со свои листи, и тоа ДОМ ја има како конгресна одлука. Ние веќе сме започнати со подготовките за избори. Сметаме дека тоа е добар начин, секоја партија да си ја претстави својата програма, рече Маја Морачанин.
Милевски, пак, истакна дека сега се во фаза на носење на одлука, но негова желба е да настапат самостојно.
-ЛДП е во фаза на носење на одлука. Деновиве ги сумираме размислувањата на општинските оргнизации за да видиме колку листи можеме да направиме. Мојата желба е да настапиме самостојно, бидејќи како партија мора да се промовирате кај граѓаните, изјави Милевски.
ЛДП неодамна реши самостојно да делува во рамките на македонскиот парламент а не како дел од парламентарното мнозинство. Тоа ги подгреа шпекулациите дека нивните двајца пратеници можат да станат ден од ново парламентарно мнозиство што го најавува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Милевски рече дека не гледа причина за напуштање на коалицијата, а со опозицијата до сега не е разговарано за коалицирање.
-Ние сме влегле во оваа влада со јасна програма. За да се напушти коалицијата треба да се случи нешто кое ќе биде нешто спротивно од нашите програми или сфаќања. Ако тоа не се надмине, тогаш ние би можеле да размислуваме. Јас не гледам што се случува да дојде до напуштање на Владата. Ние со ВМРО-ДПМНЕ дебатираме преку парламентот за работи што се поврзани со нашето министерството. Јас сум задоволен што имаме комуникација, и нашите закони поминуваат во Собрание без опструкција или без гласање против. Конкретно на темата, ниту некој разговарал со нас на таа тема ниту дал понуда, ниту ние сме прифатиле или одбиле. Со кого разговараат тие си знаат, рече Милевски во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.