Судот го прифати предлогот на Обвинителството, за укинување на мерката куќен притвор и му одреди ефективен притвор на Сашо Мијалков, до правосилност на пресудата.
Според одлуката полицијата сега треба да го спроведе, од неговата домашна адреса, во КПУ Затвор Скопје.
Мерката притвор му се определува до правосилноста на пресудата, односно до започнување со издржување на казната, но најдолго 60 дена. Судот потенцира дека против обвинетиот Сашо Мијалков е поднесен обвинителен предлог па согласно член 481 став 4 од ЗКП предвидено е по објавување на пресудата во таков случај притворот да трае најмногу 60 дена.
–Мерката куќен притвор за Сашо Мијалков не е доволна за обезбедување, при што предлагаме да му биде одредена мерка ефективен притвор. Најнапред во текот на вчерашниот ден обезбедени се известувања од МВР, согласно кои известувања, МВР не поседува технички можности (опрема) за 24 часовен видео и електронски надзор на почитување на меркета притвор, што е еден од сегментите на самото решение за куќен притвор, рече обвинителката Ленче Ристоска која го побара затворскиот притвор.
Таа додаде дека е утврдено дека Мијалков има регистрирано адреса во Прага, каде има и возила на негово име.
Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање денеска доби казна затвор од 12 години за предметот „Таргет-Тврдина“, што се однесува на масовното прислушување и уништување на опремата од УБК.
Останатите обвинети во овој случај ги добиа следните казни: поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е осудена на 4 години затвор, Горан Грујевски – 15 години затвор, Никола Бошковски – 15 години затвор, Надица Николиќ – 3 години затвор, Тони Јакимовски – 6 години затвор, Владимир Варелов – условна осуда од 2 години затвор доколку во наредните пет години од паравислноста на пресудата не стори ново кривично дело. Вакви условни казни добија и останати обвинети: Маријан Шумуликоски – условна осуда од 2 години, Силвана Златова –условна осуда од 2 години, Васко Исакоски-условна осуда од 2 години и Валентина Симоноски-условна осуда од 2 години.