Апелацискиот суд Скопје ја потврди првостепената пресуда на Кривичен суд Скопје за случајот „Насилство во Општина Центар”, во кој првообвинетиот Никола Груевски беше осуден на 1 година и 6 месеци затвор, а останатите беа осудени на условни казни, односно алтернативни мерки. Предметот „Тарифа” пак, го врати на повторно судење.
– Второстепениот суд постапувајќи по жалбите од обвинетите и нивните бранители, изјавени против првостепената пресуда – К. Бр. 1904/16, од обвинителството означен како „Насилство во О.Центар“, од 29.09.2020 година, ги одбил жалбите како неосновани, а пресудата на Кривичниот суд се потврдува. Со пресудата седум обвинети беа огласени за виновни и осудени на: Н.Г. – затворска казна во траење од 1 година и 6 месеци, додека М.Ј., А.Т., Д.С., Д.Т., Т.П. и И.Б. на алтернативна мерка – Условна осуда, соопштија од Основен кривичен суд Скопје.
Груевски и Јанакиески во предметот се гонеа како поттикнувачи на насилните протести пред просториите на Општина Центар во јуни 2013 година, а другите беа дел од обвинението како директни учесници на протестите.
Предметот „Тарифа” пак скопска Апелација го врати на повторно судење
– КОК Ж бр. 50/20 со која Второстепениот суд ја укина првостепената пресуда – КОК бр. 51/17 од обвинителството означен како „Тарифа“ и предметот го врати на повторно судење, при што е заведен нов предмет со КОК бр. 123/21 за кој откако ќе биде насрочен термин за отпочнување со главната расправа, странките и јавноста ќе бидат дополнително известени, соопштија од Основниот кривичен суд Скопје.
Поранешниот генерален директор на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, доби три години казна затвор за злоупотреба на службената положба при набавка на софтверски систем за компанијата. Бошковски е сопруг на поранешната заменик-министерка за правда од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Бришкоска-Бошковски.
Освен него, по три години затвор судот изрече и за раководителите на сектори, Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорѓовски, за истото кривично дело.
СЈО ги товареше дека со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација, со што му причиниле имотна штета на АД ЕЛЕМ од 456.560 евра.