Оставката на премиерот Заев која беше одамна усно дадена се уште е тема за која не се знае кога ќе заврши. Прво оставката се одложи, па потоа се доодложи, па се прифати оставката во партијата, ама не и во Владата… Па сега јавноста расправа кога ли ќе биде оставката и во Владата, па потоа и кога ќе се реализира…
Последната извесност во сета оваа неизвесност е од вчера, Заев рече дека планира да остане премиер се додека не ги заврши разговорите со Алтернатива околу нејзниот влез во владината коалиција, но и додека не се види каков резултат ќе имаат преговорите со Бугарија околу деблокадата на македонските евтоинтеграции. Колку време премиерот ќе гледа?
Ако за преговорите со Алтернатива за владино коалицирање брзо ќе се види епилогот, тоа тешко може да се каже за преговорите со Бугарија. Тие преговори и шансите за договор сега се врзуваат за крајот на годината, но со секој ден се се помали. Но, тоа може да значи дека по истекот на оваа година ќе се прецизира некој нов датум за нов круг на преговори, нови „патокази“, нови заседанија на еврофункционерите…
Тоа значи дека и Заев ќе ни даде нов датум за неговата оставка?
Ако на сето ова се додаде и вчерашната изјава на првиот вицепремиер Артан Груби дека „треба да почека оставката на Заев на премиерската функција за да се заокружат сите процеси“, тогаш е јасно дека се отвора пат за „чекање“. Ќе се види и дека можеби датумот за неговата оставка не го дава само Заев.