Претседателот Стево Пендаровски денеска, со орден „8 Септември“ ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско Собрание, како и пратениците во собранискиот состав од 1990 до 1994 година.
-Денес кога прославуваме триесет години од независноста, имаме повод и најдлабока причина да изразиме благодарност на генерацијата која ги постави фундаментите на македонската државност. Во изминативе децении беа одликувани првиот претседател на Републиката Киро Глигоров, и првиот претседател на Владата Никола Кљусев. Денес, со Орден ‘8 Септември’ искажуваме почит кон пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година, и на првиот претседател на тоа собрание, господинот Стојан Андов, истакна претседателот Пендаровски.
Првото повеќепартиско Собранието ги избра првиот Претседател и првата Влада на Републиката, ги донесе клучните акти, меѓу кои и Декларацијата за сувереност и Одлуката за распишување на редефендум. На референдумот на 8 септември македонските граѓани го искористија своето неотуѓиво право на самоопределување и по мирен и демократски пат се изјаснија за суверена и самостојна држава Македонија. Врз основа на таа јасно изразена волја на народот, Собранието донесе Устав, ја воведе новата национална валута, денарот и усвои неколку битни системски закони.
Поради пандемијата со ковид-19, претседателот Пендаровски орденот „8 Септември“ му го врачи во неговиот дом.