Без да кажат ниту збор, целиот државен врв синоќа си замина од Тетово, откако во општината заврши состанокот на т.н. кризен штаб, по трагедијата кога во пожар во модуларната болница загинаа најмалку 10 лица.
Пред да замине премиерот Зоран Заев рече дека нема да има изјави додека институциите не излезеле со официјални информации за бројот на жртвите и причините за избувнувањето на пожарот. Истото го повтори и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи која рече дека се уште немаат информации од институциите.
И додека целата македонска јавност, пред малите екрани до доцна во ноќта чекаше обраќање од било кого од државниот врв, тие ги одбраа социјалните мрежи за да соопштат по нешто. Дури и бројот на жртви беше соопштен таму.
Инаку за денеска владата најави вонредна седница. Официјални детали за причините за трагедијата нема до овој момент.
Синоќа околу 21 часот избувна пожар во модуларната болница во Тетово. Иако пожарникарските служби стигнаа експресно, бараките од болницата беа за кусо време пеплосани.