Владата ќе воведувала ред во користењето на службените возила кои се во сопственост на државата. За ова вчера била донесена и конкретна одлука со која се дефинира и регулира користењето на службените возила.
Ќе успее ли овој обид за спречување на многуприсутната злоупотреба на возилата кои се купени со пари на граѓаните, а и со истите пари се полнат со гориво? Во јавноста има скепса околу ова знаејќи колку до сега имаше злоупотреби. Од владата уверуваат дека ќе воведат ред.
-Со новите одредби, секое користење на службенте возила мора да e одобрено, оправдано, наменско и рационално и во сообразност со визијата, мисијата, целите и делокругот на работата на државниот орган согласно неговите надлежности“, изјави заменик-претседателот на Владата за борба против корупција, Љупчо Николовски.
Како што појаснува вицепремиерот, одлуката е направена така што ги елиминира потенцијалните злоупотреби на службените возила, односно користењето на јавните ресурси за приватни цели.
А дали ќе се елиминира и злоупотребата на возилата за партиски цели ќе видиме наскоро. Следат избори па полесно ќе се воочи евентуалната злоупотреба која досега за време на избори беше масовна.
Инаку, од оваа одлука се изземени службените возилата што ги користат претседателот на Владата, вицепремиерите и министрите.
Да потсетиме, во изминатиот период вицепремиерот најави и дека на министрите и другите функционери ќе им се брои секоја чаша вода со цел да се штедело. Колку оваа најава се спроведува и носи заштеда останува да се види.