Од утре се укинува роамингот за телефонски разговори, СМС пораки и интернет меѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.
Од Агенцијата за електронски комунукации (АЕК) објавија дека се завршени сите чекори за разговори, пораки и пренос на податоци без тарифирање во роаминг.
Почнувајќи од утре се предвидува напуштање на дополнителното тарифирање за роаминг услугите, односно се воведуваат цени за роаминг услуги исти како цените на електронските комуникациски услуги на домашниот пазар (Roaming Like At Home).
Тоа значи дека корисниците на роаминг-услугите во земјава од утре нема да доплаќаат повисоки цени од домашните тарифни модели за користење на роаминг-услугите кога ќе патуваат во останатите пет земји потписнички на Спогодба, без разлика дали станува случај за користење на интернет, говор или СМС. Влезниот повик во роаминг ќе се третира исто како и влезниот повик во домашниот пазар односно без дополнителен надомест за корисникот.
Според Одлуката на АЕК, од утре операторите на јавни мобилни комуникациски мрежи во државава за роаминг услуги не можат да применуваат дополнителни надоместоци на домашните малопродажни цени за обезбедување регулирани малопродажни услуги во роаминг.
Регионалниот договор за роаминг беше потпишан во април 2019 година во Белград во рамки на Вториот дигитален самит на земјите од Западен Балкан. Следен чекор се активности за укинување на цените во роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската унија.
Државава има потпишано одделни меморандуми за намалување на цените на роаминг услугите и со Грција и со Бугарија, но тие не се стапени во сила.