Два дена надлежните молчат: освен што се произнесоа дека причина за загаденоста била прашина од Сахара, никој не објасни дали излегоа на терен, дали утврдија кои се дополнителните загадувачи, ги казнија ли, ќе ги отстранат ли?! А загадувањето и денеска во цела Македонија е високо.
Оние кои се поставени на функции на локално ниво, како градоначалниците, но пред се Министерството за животна средина се должни да излезат итно со анализи.
-Должни се од Министерството за животна средина да излезат со образложение зошто е така. Конкретниве неколку дена вредностите на загаденост беа секаде големи, во цела земја, не само во Скопје. Затоа алармиравме да излезе некој од надлежните. Навечер се чувствува мирисот на изгорена пластика што се повторува секое лето, и во Ново Лисиче и во Карпош се чувствува. Значи мора да преземат нешто, оти еве кога има дополнително загадување од сахарска прашина или друго, автоматски рипаат вредностите над дозволените граници, вели Невена Георгиевска од „О2 Иницијатива“.
И не само „О2 Иницијатива“ сите еко-здруженија апелираат идентично.
-Со овие отпади што се палат, мора да се преземе мерка контрола од страна на инспекторите но и на полицијата, кои треба да интервенираат при таквите моменти, да ги отстранат од теренот и да се спречи повторно палење, вели Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“.

Дали денеска јавноста ќе слушне што се презело или ќе се молчи како многу пати до сега? Граѓани до „Скопско Ехо“ испратија фотографии на кои се гледа дека не е само сахарскиот песок кој загадува.
– Почитувани, ви праќам слика за да имате приказ каква е состојбата. Во моментов (четврток попладне) од домот гледам црн чад. Ова е некаде Ѓорче кон Сарај. Дали е возможно да се истражи кој и зошто пали? Во сахарски услови едвај се дише, но секој ден се гледа чад на неколку места, ни кажува нашата читателка.
Прашањето е директно до надлежните во Владата и до локалните власти. Сигурно некој ќе прочита и да се надеваме дека не само што ќе одговори туку и законски ќе реагира.