И покрај постојаните критики и забелешки во релевантните извештаи за македонските затвори, ситуацијата од година во година не се менува. Континуитетот на неподобрувањето ја уназадува до таа мерка ситуацијата што затворениците се без никаква лекарска нега. Имено народниот правобранител Насер Зибери вчера предупреди дека околу 2 илјади затвореници среде пандемија немаат пристап до лекар, а без грижа се оставени и затворениците зависници од дрога. На ова министерот Венко Филипче одговори дека ќе се обиделе преку финансиска стимулација да потикнеле лекарите да ротираат во затворите, оти на огласите за вработување никој не се јавувал.
Ваквата ситуација е недозволлива оти без разлика на затворските казни, луѓето кои се зад решетки имаат уставно загарантирано право на живот и здравствена заштита. Без лекари се долго време, што значи надлежните до сега морале да смислат соодветно решение.
Но не е само недостигот на лекарската нега. Криминалните дејанија заради кои се зад решетки не ги спречуваат затворениците да продолжат со насилнички дејства. Во средата затворки чувар во Идризово пријавил дека затвореник го нападнал и повредил со остар предмет.
-Според пријавеното, на 23.06.2021 командирот издал наредба на колегите од затворската полиција да извршат претрес во една од соба во амбулантното оделение и кога пристигнале во ходникот имало повеќе осудени лица со разни тврди и остри предмети во рацете. Според пријавата, притоа еден од нивните колеги бил повреден со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, истакнаа од МВР.
И ова не е реткост. Често слушаме за најдено оружје кај затвореници, но и дрога. За мобилни телефони и да не зборуваме.Македонија изгледа има се уште загарантирано место на дното на релевантните извештаи за затворските услови.