Кога се претставува државата, како во случајот со фудбалската репрзентација, тогаш се употребува „репрезентација на Северна Македонија“, додека македонско, македонска, Македонец, сите делови на придавката, се употребуваат во сите други форми на дискусија и соопштување на нашите ставови.
Вака денеска премиерот Зоран Заев го објаснуваше извинувањето до Грција вчера, за неговиот твит во кој напиша „македонска репрезентација“, одговарајќи на прашање на пратеничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ.
-Јас сум ги потпишал тој Договор, сум го преговарал тој договор и апсолутно целосно го гарантира македонскиот идентитет, македонскиот јазик и нашата македонска национална посебност. Апсолутно нема дилема кога се употребува Северна Македонија, а кога македонско, Македонец, Македонка и така натаму, изјави Заев, па ја обвини опозицијата дека секогаш бара начин како да ја замајува јавноста, преку, како што кажа, неискрен пристап.
Тој нагласи и дека пред Преспанскиот договор, за целиот свет сме биле ФИРОМ, а денеска, како што рече, сме Македонци од Република Северна Македонија, кои зборуваат македонски јазик.
Твитот на Заев предизвика таква лутина кај Грците, што тие најавија дека блокираат потпишување на три меморандуми за соработка.
Заев вчера се извинуваше со тоа дека 46 години го користел „македонска репрезентација“, па можно било и да се згреши сега.