Европската иднина на Македонија има перспектива, но за тоа треба двете држави да работат со уште поголема доверба и дијалог, да ги решат работите заедно, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев, пред базиликата во Рим, каде заедно со македонскиот претседател Стево Пендаровски им оддадоа почит на светите браќа Кирил и Методиј, во рамки на заедничкото чествување.
Радев тука уште еднаш повтори дека во разговорите за надминување на проблемот нема потреба од европски посредници, а како образложение на ова рече дека во тој случај би бил потребен преведувач.
– Можам да ве уверам дека Бугарија е подготвена да работи на градење мостови меѓу двете земји, за развивање на економските, образовните, трговските и културните врски и за најважното, за зближување на двата народа, рече Радев.
Пендаровски пак, рече дека ЕУ веќе е вклучена и ја посочи неодамнешната посета на комесарот за проширување Вархеји на Софија и Скопје. Но и тој посочи дека напредок е зможен само ако во дијалог веруваат двајца рамноправни соговорници, без потценување, со меѓусебна почит.
– Тоа што сме денеска заедно со Радев не е случајно. Сакаме да покажеме дека и на Балканот има луѓе, политичари кои може да зборуваат со европски јазик, за предизвиците, но и за иднината. Во Радев најдов соговороник со кој можам да зборувам на ист јазик, европскиот, што може да донесе посветла иднина за нашите две земји, истакна Пендаровски.
Заедничкото чествување на Кирил и Методиј, шефот на македонската држава го нарече нова динамика во билатералните односи.
– Ова е една нова динамика во нашите билатерални односи која се надевам ќе биде продолжена, напомена Пендаровски.