В недела, 30 мај, Град Скопје ќе организира ден без автомобили под мотото „Улици за луѓе“.
За таа цел, улицата „Васко Карангелевски“ во Аеродром ќе биде затворена за автомобилски сообраќај вкупно 12 часа, во периодот од 8 до 20 часот. На потегот од булеварот „Јане Сандански“ до крстосницата со улицата „Владимир Комаров“ ќе се одржат разни културни активности за возрасните, но и за најмладите.
Ваков ден без автомобили е пример за насоката во која се движи Градот – промоција на политиките за креирање одржлив сообраќаен систем, а граѓаните ќе можат активно да се вклучат и да ги почувствуваат придобивките од хуманизацијата на урбаниот простор.
Град Скопје цели на титулата зелена престолнина во Европа и во таа насока е преполовување на употребата на автомобили со конвенционални фосилни горива до 2030 година.