Бројката на новозаразени во Македонија, барем според податоците што ги објавува Министерството за здравство, опаѓа. Но никако не паѓа под две цифри смртноста на дневно ниво. Македонија и натаму е меѓу лидерите во светот по процентот на починати луѓе од ковид 19. Граѓаните го стекнаа колективниот имунитет заразувајќи се, несомнено, но истото тоа чини и илјадници загубени животи.
Она што зачудува до овој момент е зошто здравствените власти не направија сериозна анализа за да се одговори на прашањето зошто смртноста е толкава? Каде се греши што треба да се поправи? Кој дел од здравственкиот систем треба да се подобри?
Бројни прашања, ама одговори и после речиси две години од почетокот на пандемијата никој не даде. Се чека ли едноставно се да помине само од себе еден ден? Никој ли нема да сноси одговорност што толку луѓе починаа, не знаејќи дали некогаш можеби можеа да бидат спасени?
Потсетување на црниот биланс претходните 24 часа: направени се 2.533 тестирања, а регистрирани се 50 нови случаи на ковид-19, но починаа 16 лица за 24 часа. Од починатите, најмногу се од Тетово, 4 лица (72г,77г,84г и 85г), 3 лица од Куманово (61г,62г и 81г) и по 1 лице од Скопје (70г), Прилеп (68г), Виница (73г), Струмица (67г), Велес (70г), Кочани (75г), Струга (70г), Неготино (47г) и Македонска Каменица (70г).