Интензивно се работи на првите два километра од автопатот Скопје-Блаце, а јавното претпријатие за државни патишта веќе работи на проектирањето на втората делница во должина од 10,5 километри, изјави денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, кој денеска заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми извршија увид на градежните работи.
Бочварски, пак, рече дека експропријацијата е целосно завршена и се работи на распоредување на подземните инсталации.
Во врска со втората делница од Блаце до кружниот тек во Стенковец во должина од 10,5 километри, како што изјави, веќе е изработено идејното решение кое е во постапка на одобрување.
И ова би било во ред ако не се знаaт неколку факти.
Скопје го делат околу 20 километри до границата со Косово и поради лошиот пат се потребни 30 минути да се минат тие 20 километри до граничниот премин „Блаце“.
За разлика од Косово, коешто успеа за помалку од пет години да го изгради целиот автопат долг 65,5 километри од Приштина до косовско – македонската граница, македонските власти веќе две децении ја планираат изградбата на автопат од 12,5 километри од граничниот премин „Блаце“ до скопската обиколница, но никако да почнат да го градат на терен.
Последното ветување беше дадено во јануари лани кога ЈП за државни патишта и АД Гранит го потпишаа договорот за изградба на тие два километри пат, кој ни по повеќе од една година не е започнато.
Јадранската магистрала треба да прерасне во Паневропски Коридор 6, но и да овозможи поедноставен пристап кај патниот транспорт до пристаништата во Бар и Драч.
Актуелните бројки покажуваат дека фреквенцијата на возила на постојниот пат Скопје – Блаце во континуитет расте низ годините. Ако во 2010 година, на овој патен правец бил регистриран просечен годишен дневен сообраќај од 3.659 возила, веќе во 2019 година по оваа делница минувале речиси двојно повеќе, односно 6.959 возила дневно, покажуваат бројките на ЈП за државни патишта, Македонија-пат и Државниот завод за статистика.