На Бојан Јовановски еднаш сум му дал на рака 350.000 евра, а потоа уплатиле и 16, 1 милион денари бидејќи верувавме во проектот за старски домови, изјави денска сведокот бизнисменот Ресул Лога на судењето во случајот „Меѓународен сојуз“. Тој е косопственик на фирмата „Дрим билдинг“, за која Обвинителството тврди дека е една од измамените во овој случај.
Тој додаде дека верувале во проектот и од причина што во него имало и луѓе од власта.
– Имавме потполна доверба дека тој проект ќе се реализира и дека во градот ќе има еден европски комплекс за стари лица. Довербата во проектот и во „Меѓународниот сојуз“ ја стекнавме од разговорите, од самиот проект, но и затоа што тука имаше и луѓе од власта, како Фросина Ременска, а во некој одреден момент беше и Александар Кирацовски. Го видовме таму во “Меѓународниот сојуз“, но на која линија беше со нив, не знам“, рече Лога.
Домовите, посочи сведокот, беа предвидени да се градат на државно земјиште и тоа имаше обврска да го обезбеди „Меѓународен сојуз”. Лога објасни дека по истекот на рокот од 180 дена од договорот тие побарале да им ги вратат средствата.
– Во тој рок требаше да ја обезбедат локацијата и дозволата за градба. Тоа не се испочитува од „Меѓународен сојуз”. Господин Бојан врати 155 илјади евра, рече Лога.
Сведокот беше и Адријан Амзовски, кој е еден од сопствениците на фирмата Дрим билдинг Струга.
-Според договорот, „Меѓународен сојуз” требаше да го обезбеди земјиштето за изградба на старечки домови. Тие ветуваа дека ќе обезбедат да го купиме земјиштето во Општина Карпош по цена од 1.50 до 1.80 евра за метар квадратен, како и промена на ДУП-от, но ништо од тоа не исполнија. Ние, откако го потпишавме договорот имавме обврска да платиме 25 отсто или 16,1 милион денари фактура на авторски договор на Јасна Мандиќ. Уплативме 15 милиони денари одеднаш и рестото подоцна. Потоа требаше да чекаме Меѓународен сојуз да обезбеди земјиште, да не ослободи од комуналии, ама од тоа не бидна ништо. После истекот на рокот од 180 дена побаравме да ни се вратат парите, изјави Амзовски.
Сведокот рече дека, од тие пари Бојан Јовановски вкупно му вратил 155 илјади евра, во период од неколку месеци.
-Немавме некој однос ние да се расправаме или нешто. Полека ги враќаше парите, се додека не го притворија, изјави Амзовски.
На состаноците за проектот, сведокот рече дека Јасна и Бојан секогаш биле присутни, а на неколку пати и Фросина Ременски и еднаш или два пати Александар Кирацовски.
– Верував во успешноста на проектот и затоа дадов толку пари. Прво бизнис планот беше добар, земјиштето во Скопје по таа цена и секако пресудно беше присуството на лицата, рече Амзовски.
Во предметот Бојан Јовановски-Боки 13 е првообвинет и се товари за делата измама и перење пари. Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ и асистенката Христина Блажевска, пак, се обвинети за помагање во овие дела, а Фросина Ременски се товари за помагање во делото измама. Таткото на Боки, Миле Јовановски, пак, е петтообвинет за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.