Донесувањето на новиот ДУП нема да овозможи изградба на нови капацитети за тешка и загадувачка индустрија и чиста шпекулација е дека во Гази Баба ќе се продава земјиште кое ќе се намени за изградба на фабрика за преработка на отпад, изјави денеска Борис Георгиевски, градоначалник на Гази Баба на средба со новинари.
Врзано за предложениот план кој предизвика бројни реакции меѓу граѓаните и јавноста тој рече дека главна цел им е да се воведе ред на ова подрачје.
-Одговорно тврдам дека не се предвидува развој на тешката индустрија, освен таа што веќе постои, во рамки на Железара, друга нема да има. ДУП-от предвидува намалување на Г1 индустријата за 30 проценти, или, ако сакате, за околу 100 хектари се намалуваат површините под загадувачка индустрија, се зголемува за 60 проценти делот на заштитно зеленило во рамки на оваа зона кое повеќе никогаш не може да биде трансформирано во друга намена, освен зеленило, и треба да биде заштитен појас. Има незгадувачка индустрија, Г2, Г3, Г4, складишта, логистички центри, што ќе биде дополнителен извор на приходи за општината, можност да ги реализираме повеќе проекти за подобар живот на граѓаните, објасни градоначалникот Георгиевски.
Тој потсети дека 60 години за овој простор не е донесен ниту еден ДУП и дека ова се први детални урбанистички планови. Според него, донесувањето на ДУП-от ќе биде од корист за Општината.
-Правните субјекти кои се во Железара имаат само корисничко право, со ДУП-от ќе знаеме кој управува со нив, и ќе мора да плаќа данок на имот, а ќе може и да го откупи земјиштето. Планот се уште не е усвоен и измени се возможни. Мислењето на граѓаните ми е најважно. Стојам на располагање да разговарам со граѓаните, но со факти, и упатувам апел до граѓаните да доаѓаат со проверени информации, вели Георгиевски.
Тој додаде дека првично било планирано јавната анкета да трае до 29 април, но таа ќе биде продолжена за 15 дена.