Советот за национална безбедност утре напладне ќе одржи седница на чиј дневен ред ќе биде состојбата со пандемијата во земјава и мерките кои се преземаат.
На седницата освен членовите на Советот, е поканет и министерот за здравство Венко Филипче.
Како што стои во соопштението од Кабинетот на претседателот на државата, медиумите не се поканети, туку од самата средба ќе следи соопштение и фотографии од прес-службата.
Пред Советот за безбедност, седница ќе одржи Комисијата за заразни болести. Според најавата од министерот Филипче ќе се направи анализа на бројките од минатата недела, но не кажа дали е можно да произлезат одредени препораки.
Инаку, и без некоја подлабока анализа, ако се следи статистиката од изминатите неколку дена, очигледен е пораст во бројот на починати – три дена над 30, и на новозаразени кои се движат околу 1.500 дневно, освен вчера кога беа нешто над 700, но од помал број тестирани.
И министерот Филипче викендов оцени дека состојбата во болниците за загрижувачка, што е еден од индикаторите дека е можно воведување нови мерки.
Пред неколку недели, министерот рече дека доколку има нови мерки, тие би биле продолжување на полицискиот час и скратување работното време на кафеаните.
Мерките можат да се однесуваат на региони или на цела држава.