Актуелната состојба поврзана со пандемијата ќе биде тема на денешната седница на Советот за безбедност на Република Македонија, што ќе се одржи во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Покрај членовите на Советот за безбедност, на покана на Пендаровски на седницата ќе присуствува министерот за здравство, Венко Филипче.
-На седницата ќе се разговара за актуелната состојба со пандемијата на Ковид-19 на територијата на земјава и мерките и активностите на надлежните институции, информираат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
Напоредно со ова, денеска и Комисијата за заразни болести треба да одржи состанок, на кој ќе се разгледува состојбата со корона вирусот, врз основа на што ќе одлучи дали ќе има дополнување на рестриктивните мерки за заштита од вирусот. Тековната недела надлежните ја окарактеризираа како критична во однос на натамошното ширење на вирусот во третиот бран, во кој се регистрирани голем број заразени и починати. Бројот на активни случаи во државава изнесува 18.000. Во претходното деноноќие, беа регистрирани нови 303 случаи на коронавирусот од направени 1.405 тестирања. Починаа 41 лице, а оздравени се 1.169 пациенти.
Инаку, според најавите, имунизацијата со 24.000 дози од вакцината „АстраЗенека“ што преку Ковакс механизмот стасаа викендот, треба да стартува утре со пријавените граѓани над 75 години.