Освен одложување на пописот и пролонгирање на локалните избори, лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски се договориле уште утре да се почне со измена на Изборниот законик во кој ќе се внесе гласање со отпечаток од прст.
Од утре работни групи во законодавниот дом ќе разговараат и за отворени листи, како и локални избори во еден изборен круг. По средбата, премиерот изјави дека со Мицкоски договориле и одблокирање на Собранието.
-Прифативме уште утре во Изборниот законик да влезе гласањето со отпечаток од прст. Со самиот Изборен законик презедовме обврска да започнат да работат групи и да се разговара за отворени листи, како и за барањето на избори во еден изборен круг. Но, и да се разговара за една изборна единица за парламентарни избори, рече Заев.
И Мицкоски по средбата потврди дека на маса ќе бидат предлозите за измена во една изборна единица, отворени листи за советници на следните избори, избор на градоначалник во прв круг, гласање на дијаспората на следните парламентарни избори надвор од дипломатско-конзуларните претставништва, и имплементација на препораките од ОБСЕ.