Од среда почнува вакцинацијата со „Астра Зенека“ со која ќе бидат вакцинирани 20.000 граѓани на возраст над 75 години, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Во тек е одобрување на вакцината во Агенцијата за лекови, а граѓаните кои се пријавиле преку матичните лекари, во следните два дена ќе бидат исконтактирани кога и каде ќе се вакцинираат.
Сите дози од „Астра Зенека“ ќе се искористат веднаш, бидејќи ревакцинацијата со оваа вакцина е за три месеци, а на крајот на април се очекува нов контингент, со што ќе има дози и за ревакцинација и на македонските граѓани што се вакцинираа во Србија, доколку сакаат тоа да го направат тука.
За масовната вакцинација се подготвува aрената „Борис Трајковски“ во Скопје, каде ќе има 30 пункта за вакцинирање, со лекари и медицински сестри од Здравствен дом Скопје.
Поради сомнежите во безбедноста на вакцината „Астра Зенека“ Филипче најави дека и тој самиот ќе се вакцинира со неа, но не сега, туку кога ќе стигнат поголеми количини.