Закажана, па откажана. Ова е краткиот опис за средбата на партиите од албанскиот блок, која утрово ја најавија од Демократската унија за интеграција, во пресрет на средбата на лидерите на двете најголеми партии во земјава Заев и Мицкоски.
Од ДУИ изутринава најавија средба на секретарот на ДУИ Артан Груби со секретарите на политичките партии на Албанците во земјава во врска со претстојниот попис.
-Ве известуваме дека денеска со почеток во 11:00 часот, ќе остварат средба секретарите на албанските политички партии во Република Северна Македонија. Секретарите на ДУИ, БЕСА, ДПА, Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе бидат присутни на оваа средба. Настанот ќе се одржи во Клубот на пратеници во Скопје, известија од ДУИ.
Но, само еден час подоцна, од ДУИ информираа дека средбата се откажува поради, како што соопштија, непотврдување на присуството од страна на опозициските политички партии – Алијанса за Албанците и Aлтернатива.
-Ја информираме јавноста дека нашата врата за соработка останува отворена и секогаш подготвени да седнеме на маса за доброто на нашите граѓани, се вели во второто соопштение од Демократската унија за интеграција.
На потег се сега партиите на Села и Гаши да кажат зошто ја одбиле ваквата средба.