Наместо во 11 часот, пратениците денеска влегоа во пленарната сала нешто по 12 часот часот, по брифингот на спикерот Талат Џафери со новинарите и прес-конференциите на координаторите на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса и Алтернатива.
И кога се очекуваше Џафери да ја отвори седницата со пратенички прашања, се појави предлогот од опозицијата, денеска да се одржи 36-та седница на чиј дневен ред се 30 –тина точки меѓу кои одлуката за продолжување на кризната состојба на дел од територијата поврзани со мигрантите и пандемијата, пакетот антикризни мерки и две интерпелации за министри.
Ова е изненадување, ако се има предвид дека два часа претходно, Џафери на брифингот рече дека нема намера да ја закаже оваа седница, обвинувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ за ултиматум – односно дека нивното присуство во салата го условуваат со расправа по само три точки од оваа седница.
Веднаш по Џафери прес-конференција во Собранието одржа и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кој зад себе ја нареди цела пратеничка група за која рече дека е подготвена да гласа за антикризните закони. Тој побара Џафери уште денеска да ја закаже оваа седница и да се донесат сите неопходни одлуки и закони.
По Мицевски, во Собранието се обрати и коориднаторот на Алијанса и Алтернатива Скендер Реџепи кој се закани дека, ако не се постигне согласост за законот за државјанство кој тие го предлагаат, нема да гласаат за ниту еден закон, односно секој ќе го блокираат со амандмани.
Во моментов трае пауза од еден час, за кое време Џафери ги повика на координација претставниците на пратеничките групи, а пред да ја даде паузата предложи, за денеска планираните пратенички прашања, да се одржат утре или в понеделник.
-Ги повикувам координаторите на дијалог. За се треба да има договор, но не преку фејсбук, туку преку координација. Еден час и 15 минути потрошивме на процедурално, рече Џафери и замина на пауза.
Паузата следи откако опозициските пратеници тоа два пати го побараа, а потоа ја напуштија салата.
За денеска беше закажана и средба на премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ Али Ахмети и спикерот Џафери за одблокирање на работата на Собранието. Може ли Заев да го поправи зарибаниот мотор на Собранието?